Смртта на лисицата
Беше зимска ноќ. Вентилацијата не работеше. Снемуваше струја многу често. Луѓето влегуваа, ѕиркаа низ вратата, виѓаваа дека нема многу луѓе внатре, и ја затвораа вратата. Беше средина на неделата. Среда. Некој од скопските зимски месеци. Скопје има многу зимски месеци. Кафеаната делуваше тажно; доминираше жолто светло. Тоа беше добро. Како спас од магла. Поточно, како нешто што личи на спас од магла, зашто не постои спас од скопската магла. Светлото беше тука како залажување. Понекогаш и тоа е доволно. Но, таа вечер тоа не беше доволно. Пиев пиво, се моткав околу музиката, проправував по некој бош муабет со луѓето внатре и пушев како осуденик на смрт. Сред средината на неделата.
More...