Author(s): Ana Martinoska / Language(s): English
Issue: 28/2023
Ако феминистичката борба во претходната деценија нè доведе до зголемена видливост на женските авторки, до поголем број автентични женски ликови во литературата, заедно со еднаквиот третман во издавањето и рецепцијата на женската литература, сега треба повеќе да се фокусираме на различноста на женските искуства застапени во книжевните дела. Европската литература станува сè породово инклузивна и отворена за сите нијанси на родовата различност, вклучувајќи ги сите групи или поединци кои не се ограничуваат на стереотипните родови улоги и патријархални очекувања. Оттука, трудот се осврнува на темите на стареењето и ејџизмот како недоволно истражувани подрачја, неправедно занемарувани од феминистичките
студии, но исто така дава и кус приказ на обидите тоа да се промени во рамки на интердисциплинарни проучувања на наративната геронтологија и ејџинг студиите. Фокусот на трудот е на две дела од две извонредни авторки од постарата генерација, хрватската писателка Славенка Дракулиќ и нејзината збирка раскази Невидлива жена и други раскази и исландската писателка Халдора Тородсен и нејзиниот роман Двојното стакло. Заедничко им е тоа што смело се занимаваат со табу-темата на стареењето. Трудот се обидува да ги лоцира сите нивоа на кои се обработува оваа тема, почнувајќи од прашањата за телото, губењето на меморијата и свесноста за минливоста на времето, преку прашањата за изолацијата, осаменоста и приспособувањето кон модерното време, но и потребата од независност, среќа и иднина. Во својата артикулација на стареењето, овие две авторки се занимаваат со психолошкиот, емоционалниот, економскиот и социјалниот контекст на овој процес. Згора на тоа, тие го проблематизираат општествениот однос кон старите луѓе во денешната култура, ограничувањата со кои се соочуваат, нивниот статус и благосостојба. Веруваме дека ваквите литературни дела можат да ја зголемат видливоста на оваа чувствителна тема во јавниот дискурс и да иницираат некои промени за да се преиспита значењето на стареењето, да се одговори на потребите на постарите и да се подобри нивната социјална вклученост, што е неопходно во либералните земји како Исланд и Шведска, но уште повеќе во поконзервативните делови на Европа.
More...