Author(s): Lenka Tatarovska / Language(s): Macedonian
Issue: 10-11/1999
Дионизискиот култ кај Елините доаѓа од Тракија и Македонија,1 а според некои мислења
се смета дека има малоазиско потекло2. Митот за распарчувањето на детето Дионис – Загреј,
познат е, пред сè, благодарение на христијанските автори.3 По заповед на Хера,
новородениот Зевсов син е растргнат од страна на Титани, а таму каде што на земја паднала
неговата крв, веднаш изникнало дрво. Распарченото тело титаните го ставиле во лонец и го
свариле. Меѓутоа, божицата Реа повторно го составила и го повратила во живот. Подоцна, по
наредба на таткото Зевс, од страна на Хермес, Дионис е претворен, час во јаре, час во овен и
даден е на чување кај нимфите, во една пештера на ридот Нис. Епикуреецот Филодем,
Цицеронов современик, зборува за три Дионисови раѓања и тоа: првото од мајка, второто од
бедрената коска на Зевс, слично на Хетитскиот бог на ветровите, роден од Кумабаја – каде е
исклучено секакво постоење на мајка. Ова обредно раѓање само од машки пол е позната
обредна церемонија, позајмена од Хетитите (Книга за Рут III, 9).4 Третото раѓање на Дионис е
кога неговата баба – божицата Реа, го спасува срцето на растргнатото дете и ги составува
распарчените делови. Во овој „злочин на титаните“ се препознава старото сценарио преку кое
на детето му е дадена божествена бесмртност. Тоа е и најдраматичната епизода на митот
каде, освен парчење, е применето и варење. Ова преминување на човечкото тело низ оган и
негова метаморфоза, претставува иницијациски обред, со кој се постигнува бесмртност.
Самото кинење, печење или преминување низ оган, е карактеристичен процес и за
шаманските иницијации.
More...